22.12.2016 Љорис во Тотенхем до 2022 година
Францускиот голман Уго Љорис го продолжи договорот со Тотенхем, па во лондонскиот клуб ќе остане до 2022 година.
Претходно се шпекулираше дека Французинот би можело да го напушти „Вајт Харт Лејн“, а најголем интерес покажуваше Манчестер јунајтед. Но, Љорис одлучил да ја продолжи верноста кон клубот во којшто стигна во 2012 година од Лион и во кого стана капитен.
Првиот голман на француската репрезентација мрежата на Тотенхем ја чуваше во повеќе од 150 натпревари, а посебно бериќетна беше минатата сезона, во која „петлите“ завршија на третото место на табелата.
Љорис минатата сезона само 35 пати ја вадеше топката од мрежата, што е рекорд на Тотенхем од основањето на Премиер лигата.
Пред Љорис, нови договори со Тотенхем во изминатите четири месеци потпишаа и првотимците: Кајл Волкер, Том Керол, Дени Роуз, Ерик Дајер, Кристијан Ериксен, Деле Али, Јан Вертонген и Хари Кејн, кој стана најплатен играч во историјата на клубот.