31.12.2016 Насри под истрага поради допинг
Шпанскиот фудбалски клуб Севилја вчера соопшти дека националната антидопинг агенција ги истражува лекарските извештаи на Самир Насри, кој неодамна имаше интравенозно лечење на клиника во Лос Анџелес.
Клиниката „Дрип докторс“ во вторникот на социјалните мрежи објави фотографија на која е Насри, а во описот навеле дека му помогнале да остане хидриран и во врвна здравствена состојба во текот на напорната сезона.
Терапијата наводно на Насри ќе му го засили имуниот систем и содржи високи дози од витамините Ц и Б, аминокиселина лизин и цинк во комбинација со специјални хранливи состојки.
Хесус Гомес, портпаролот на Севилја, вчера за „Асошиејтед прес“ изјави дека шпанската антидопинг агенција го контактирала клубот и барала детални информации.
Од друга страна, портпаролот на шпанската антидопинг агенција изјави дека истражителите проверувале дали Насри преку терапијата внесол некоја недозволена супстанција.
Овој 29-годишен фудбалер од средината на теренот, кој во Севилја е на заем од Манчестер сити, вчера се појавил во центарот за тренинг на шпанскиот клуб на почетокот на подготовките пред продолжението на сезоната во Примера лигата.
Севилја моментно е трета со 33 бода, четири помалку од првопласираниот Реал, но и натпревар повеќе. Исто така, шпанскиот клуб избори пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите.