03.1.2017 Мурињо: Не ми е жал за Вест хем, и против нас грешат
Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед, по победата над Вест хем изјави дека судиите во текот на сезоната често знаеле да го оштетат и неговиот тим.
Јунајтед славеше со 2-0 во Лондон, во натпреварот којшто го обележаа судиите под водство на Мајк Дин, кој престрого го исклучи Софијан Фегули, како и ја занемарија позицијата офсајд на Златан Ибрахимовиќ кај вториот гол.
„Не можам да го коментирам црвениот картон, бев премногу далеку, ќе мора да ја погледнам снимката. Јас морав да се научам во првиот дел од сезоната како да зборувам, поради поништениот гол на Ибрахимовиќ, чистиот пенал против Кристал палас. Не ми е жал за Вест хем. Не ја видов одлуката на судијата. Ако веќе зборуваме за судењето, ние сме шампиони во погрешни одлуки“, изјави Мурињо.
„Чеканите“ иако беа со играч помалку, имаа две одлични шанси за водство, но на голот на Јунајтед повторно беше одличен Давид де Хеа.
„Разочаран сум поради некои грешки и одлуки на теренот, но тоа е и до заморот, не постојат чуда. Ја сочувавме мрежата поради одличниот Де Хеа, тој беше клучен. Моравме брзо да се движиме со топката и да создаваме простор“, додаде тренерот на Јунајтед.
Гостите натпреварот го решија на средината на второто полувреме, а клучниот момент се случи во 63-тата минута, кога Маркус Рашфорд се проби по левата страна и му сервираше гол на Хуан Мата. Тие двајца во игра влегоа во второто полувреме.
„Мата и Рашфорд останаа на клупата бидејќи сакав поинаков интензитет. Ни го донесоа она што ни беше потребно. Рашфорд е одлично подготвен, многу е брз, ни донесе ширина во играта, беше само прашање на време кога ќе постигнеме гол. Рашфорд е многу зрел, во својата крв има ДНК на Јунајтед. За него е одлично што Ибрахимовиќ ќе биде тука и следната сезона“, додаде Португалецот.
Јунајтед се изедначи и ја дели петтата позиција со Тотенхем, кој утре го чека лидерот Челзи, а во следното коло „црвените ѓаволи“ ги чека големото дерби со Ливерпул, на „Олд Трафорд“.
„Чувствувам дека можеме да го добиеме и следниот натпревар. Не бркаме рекорди, бркаме добри игри и бодови. Знам дека Челзи или Тотенхем ќе изгубат некои, како Ливерпул или Манчестер сити во минатите кола. Добро игравме, но премногу ремизиравме. Сега имаме 18 бодови од шест натпревари, а тоа е она што ни беше потребно“, изјави Мурињо.