Корисничко име Лозинка Пријави се
04.1.2017

Драма во Борнмут, Жиру ги спаси „топчиите“

Вистинска драма имаше на натпреварот меѓу Арсенал и Борнмут, коишто одиграа нерешен натпревар (3-3) во 20-тото коло на Премиер лигата.

„Топчиите“ до 70-тата минута губеа со 3-0, но Оливие Жиру го спаси лондонскиот клуб од пораз и на неговата екипа ѝ донесе бод.
Екипата на Арсен Венгер одигра многу лошо во првото полувреме. Домаќините за 20 минути постигнаа два гола, а стрелци беа Чарли Даниелс и Калум Вилсон, кој постигна гол од пенал откако Гранит Џака стартуваше многу агресивно во шеснаесетникот.
За да биде поразот уште поубедлив, се погрижи Рајан Фрејзер во продолжението на натпреварот, но „топчиите“ во 70-тата минута најавија вистинска драма на „Виталити стадион“.
На Арсенал му беше олеснета работата откако Френсис доби црвен картон на осум минути пред крајот на средбата.
Избраниците на Арсен Венгер немаа ниту еден удар кон голот, а потоа погодија Алексис Санчес во 70-тата и Лукас Перез во 75-тата минута. Арсенал делуваше сосема поразлично на теренот и им даде надеж на навивачите дека можат да дојдат до бод.
За тоа се погрижи јунакот на натпреварот, одличниот Оливие Жиру, кој овој пат не постигна скорпионски гол, но со одличен удар со глава го изедначи резултатот во судиското продолжение.
Борнмут по четвртото реми од почетокот на сезоната, се наоѓа на деветтото место на табелата на Премиер лигата со 25 освоени бодови, додека Арсенал е четврти со 41 бод.
Во преостанатите два натпревари коишто беа одиграни синоќа, Свонси во гости славеше против Кристал палас со 2-1, додека Стоук на свој терен го победи Ватфорд со 2-0.

Најнови вести