Корисничко име Лозинка Пријави се
09.1.2017

ФИФА: Светското првенство со 48 екипи

Полека му се ближи крајот на репрезентативниот фудбал каков што го знаеме – ФИФА дефинитивно одлучи да го промени форматот на Светското првенство.

Меѓународната фудбалска федерација утре ќе соопшти дека новиот Мундијал ќе брои 48 репрезентации, за разлика од досегашниот формат во којшто учествуваа 32 екипи.
Првиот човек Џани Инфантино од денот кога беше избран за претседател на ФИФА се бореше за проширување на натпреварувањето и на крајот успеа, а официјалната објава ќе се случи утре, на десетти јануари во Цирих.
Заклучно со Мундијалот во Катар во 2022, ќе биде завршен и принципот од осум групи со по четири селекции, а веќе од 2026 година, која ќе биде премиерна за новиот формат, турнирот ќе се одвива во 16 групи со по три екипи.
Сè уште не се знае кое ќе биде прво Светско првенство во историјата со олкав број учесници – официјалното натпреварување е одложено поради корупцискиот скандал што ја тресеше ФИФА во последните неколку месеци и ќе биде продолжено во 2018, додека две години подоцна ќе биде донесена конечна одлука.
Светската фудбалска федерација би требало да профитира од промената на Светското првенство. Според пишувањата на португалскиот весник „О Јого“, приходите коишто ќе ги оствари ФИФА од натпреварувањето во Русија 2018 година ќе изнесуваат околу 3,35 милијарди евра, а од првенството на коешто би требало да играат 48 екипи би требало да бидат околу 3,95 милијарди.
Истовремено, трошоците поради порастот на бројот на репрезентациите и натпреварите ќе бидат зголемени за 307 милиони евра, но ќе се зголемат и приходите од ТВ-правата (479 милиони евра) и маркетингот (351 милион евра).

Најнови вести