Корисничко име Лозинка Пријави се
11.1.2017

Инфантино за СП со 48 тимови: Не е поради парите

Џани Инфантино, претседателот на ФИФА, изјави дека парите не се главната причина за проширување на Светското првенство на 48 учесници од 2026 година.

Мундијалот во Русија 2018 и во Катар 2022 година ќе бидат последните на коишто ќе учествуваат 32 селекции, а многумина проширувањето го гледаат исклучиво како финансиски мотивирано.
„Во прашање е токму спротивното, тоа е фудбалска одлука. Секој формат има свои предности во однос на финансиите. Но, бевме во комфорна ситуација одлуката да ја донесеме само од спортски причини“, изјави Инфантино.
Во првата фаза Светското првенство според новиот формат ќе биде од 16 групи по три селекции, а понатаму ќе се пласираат по две најдобри, по што 32 тима ќе играат нокаут фаза. Се предвидува дека приходите од новиот Мундијал ќе бидат околу шест милијарди евра, околу половина милијарда повеќе од Светското првенство со 32 тима.
„Ова е историска одлука која го означи влегувањето на Светското првенство во 21 век“, додаде Инфантино.
Со оглед на тоа дека ФИФА им препорача на европските и на азиските земји да не се кандидираат за Светското првенство 2026, се претпоставува дека домаќин ќе биде Северна Америка, речиси извесно Соединетите Американски Држави.

Најнови вести