Корисничко име Лозинка Пријави се
11.1.2017

Почнува ракометниот Мундијал во Франција

Со вечерашниот натпревар меѓу Франција и Бразил почнува 25-тото Светско првенство во ракомет, а Македонија утре го почнува својот петти настап на мундијалите.

Светското ракометно првенство кое се игра во Франција го почнуваат 24 земји, кои се поделени во четири групи со по шест репрезентации. Првиот натпревар се игра вечерва, а шампионатот ќе трае до 29-ти јануари.
Во вечерашниот натпревар, од 20.45 часот, домаќинот Франција, кој е бранител на светската ракометна титула, ќе игра против репрезентацијата на Бразил. Домаќинот веќе информираше дека се продадени рекорден број билети, односно околу 450.000. Натпреварите ќе се играат во осум градови, Париз, Лил, Монпелје, Албервил, Брест, Нант, Мец и Руен.
Главен фаворит за одбрана на трофејот е Франција, а како кандидати за освојување на златото се и Данска, Шпанија и Германија, како и селекцијата на Хрватска.
Нашите ракометари првиот натпревар од своето петто учество на Светското првенство ќе го играат во Мец. Македонија се натпреварува во групата Б, во која се и селекциите на: Шпанија, Исланд, Словенија, Тунис и Ангола.
Во составот на нашата репрезентација, селекторот Лино Червар ги спои младоста и искуството, односно тимот е составен од многу дебитанти, но и борци со сериозно искуство од големите натпреварувања.
Лино Червар на Мундијалот поведе 19 ракометари: Никола Митревски, Кирил Колев, Благојче Трајковски, Никола Маркоски, Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Велко Маркоски, Филип Талески, Марко Нелоски, Кирил Лазаров, Филип Лазаров, Филип Миркуловски, Стефан Дрогришки, Ристо Арнаудовски и Влатко Митков ќе бидат во комбинација за настап на шампионатот.
Првиот натпревар Македонија го игра утре, на 12-ти јануари, против селекцијата на Тунис, а тој може да биде и клучен за пласман во нокаут фазата. Потоа следуваат натпреварите со аутсајдерот Ангола, па со Словенија, со Шпанија и со Исланд.

Распоредот на натпревари на Македонија на Светското првенство во Франција:
 12.01. 17.45 - Македонија - Тунис
14.01. 20.45 - Македонија - Ангола
16.01. 17.45 - Македонија - Словенија
18.01. 20.45 - Македонија - Шпанија
19.01. 17.45 - Македонија – Исланд

Четирите првопласирани селекции ќе продолжат во нокаут фазата, каде што во осминафиналето ќе се сретнат со најдобрите четири од групата А, во која се: Франција, Полска, Русија, Норвешка, Бразил и Јапонија.
Се очекува македонската фаланга да го заземе своето место во салата на Мец за да ги храбри нашите ракометари, а поддршка ќе добијат и од македонските иселеници кои живеат во Франција и околните држави, но ќе има и многу фанови коишто ќе отпатуваат од Македонија.

Најнови вести