Корисничко име Лозинка Пријави се
12.1.2017

Куп на Италија: Фиорентина и Јувентус во четврт-финалето

Екипите на Фиорентина и на Јувентус се пласираа во четврт-финалето на Купот на Италија.

„Виолетовите“ во првиот натпревар на денот, по големата борба, го елиминира Киево со погодокот на Федерико Бернардески во 93-тата минута од пенал, а двете екипи натпреварот го завршија со играч помалку.
Најпрво Иван Радовановиќ, српскиот интернационалец и капитен на „летечките магариња“ , беше исклучен во продолжението на првиот дел од играта поради вториот жолт картон, а во 71-вата минута Мауро Зарате заработи директно исклучување.
Одличен дуел одиграа Аталанта и Јувентус во Торино, а „старата дама“ на крајот славеше – 3-2 (2-0).
Домаќинот поведе во 22-рата минута со голот на Пауло Дибала, а 12 минути подоцна Марио Манџукиќ го удвои водството на Јувентус.
Абдулај Конка ги врати во игра гостите од Бергамо во 72-рата минута, но Миралем Пјаниќ само 180 секунди подоцна го реализира пеналот и повторно им донесе два гола предност на „бјанконерите“.
Конечниот резултат на средбата го постави Емануел Лате Лат во 81-вата минута.
Јувентус во наредната рунда ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Милан и Торино, кој на програмата е вечерва, од 20.45 часот.

Најнови вести