Корисничко име Лозинка Пријави се
18.1.2017

Храбра игра на Македонија, пораз од Шпанија

Македонија го претрпе вториот пораз (29:25) на Светското првенство иако одлично се носеше со силната Шпанија.

Македонските ракометари одиграа одличен натпревар против Шпанија, но на крајот сепак останаа без бодови. 
Натпреварот почна изедначено, се играше гол за гол во првите десетина минути. Шпанците поведоа со 8-5, но Македонија со серија од 3-0 го израмни резултатот. Нашата репрезентација ја презема контролата и со два атрактивни двојни цепелини по ред во режија на Кире Лазаров поведовме со три разлика, но Шпанија успеа да го надомести заостанувањето и на полувремето резултатот беше нерешен, 14:14.
Вториот дел Македонија го почна со нова предност, но како одминуваше мечот Шпанија го подигна нивото, направи пресврт и до крајот само ја зголемуваше предноста за конечни 29:25.
Нашиот капитен Кире Лазаров со шест погодоци беше најефикасен за Македонија, Никола Маркоски постигна пет, а четири Миркуловски. Кај Шпанците Ривера постигна 11 голови, а Душебаев додаде пет гола.
Утре во 17:45 часот Македонија го игра последниот натпревар од групната фаза против Исланд во директен дуел за третото место и за избегнување на Франција во осминафиналето.

Најнови вести