Корисничко име Лозинка Пријави се
23.1.2017

Мејсон во стабилна состојба по страшната повреда

Рајан Мејсон, играчот за врска на Хал, се наоѓа во стабилна состојба по операцијата на главата, поради фрактура на черепот.

Дваесет и петгодишниот фудбалер, кое потекнува од редовите на Тотенхем, се повреди во тринаесеттата минута од дуелот со Челзи на „Стемфорд бриџ“, кога при скок, во борба за топката, со глава се судри со Гери Кејхил.
Во првите неколку часа ситуацијата беше многу критична, бидејќи лекарите се бореа за неговиот живот, но Би-би-си пренесува дека сега е во стабилна состојба.
Лекарите на двете екипи на лондонскиот стадион веднаш реагираа, па Рајан веднаш беше изнесен од теренот на носилки со маска за воздух на лицето и веднаш беше префрлен во болницата „Сент Мерис“.
„Рајан се наоѓа во стабилна состојба, очекуваме да остане во болница наредните неколку дена. Сите во клубот би сакале да изразат благодарност за брзата реакција на сите лекари, а особено на лекарите од одделението за неврохирургија во болницата ’Сент Мерис’“, се наведува во соопштението на Хал, кој со повеќе детали ќе излезе во текот на денот.
Кејхил и Мејсон се судрија со главите при обидот да стигнат до топката во шеснаесетникот на гостите, по центаршутот на Педро Родригес – кога дефанзивниот играч на Челзи со чело го удри играчот за врска на Хал во темето.
„Се обидов да стигнам до топката по центаршутот кога се судривме со главите, тоа беше страшен судир. Му посакувам сè најдобро“, изјави по натпреварот Кејхил, кој продолжи да игра и кој постигна гол за конечни 2-0 во второто полувреме.
Брзо закрепнување на англискиот играч за врска му посака и Антонио Конте, менаџерот на „сините“, додека социјалните мрежи во краток рок беа преплавени од пораки со поддршка од колегите и навивачите ширум светот.
„Пред сè, сите ние од Челзи му посакуваме на Рајан сè најдобро. Тоа беше баш тежок судир со Гери. На полувремето не знаев што да правам, дали да го извадам, но сепак одлучивме, по консултација со него, да продолжи. Се надевам дека Мејсон ќе закрепне и што побрзо ќе се најде на теренот“, изјави Конте.

Најнови вести