Корисничко име Лозинка Пријави се
24.1.2017

Ракитиќ: Моја желба е да останам до крај во Барселона

Иван Ракитиќ, фудбалерот на Барселона, ги отфрли шпекулациите дека сака да го напушти клубот поради несогласувања со тренерот Луис Енрике. Тој изјави дека има намера кариерата да ја заврши во Барселона.

Ракитиќ додаде дека наскоро планира да потпише нов договор со Каталонците и со тоа дефинитивно да стави точка околу можен трансфер во Манчестер сити или во Јувентус.
„Моја желба е во Барселона да останам до крајот на кариерата. Претседателот на клубот и мојот менаџер работат на тоа, разговараме околу нов договор и не е вистина дека ја одбив првата понуда. Верувам дека успешно ќе завршат преговорите“, изјави Ракитиќ за „Мундо Депортиво“.
Ракитиќ повторно се зацврсти во првата постава на шампионот на Шпанија, откако едно време не беше во прв план, што медиумите на Пиринејскиот Полуостров го протолкуваа како судир со Енрике.
Одличниот хрватски играч за врска демантираше дека има проблем со тренерот, иако изјави дека му се воодушевува на Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, и дека би сакал да соработува со него.
Ракитиќ во Барселона направи трансфер од Севилја летото 2014 година, а претходно играше за Шалке и за Базел.

Најнови вести