25.1.2017 Пепе не доби двегодишен договор, па ќе оди во Кина
Пепе, стоперот на Реал Мадрид, ќе го напушти кралскиот клуб по истекувањето на договорот на крајот на сезоната, а кариерата ќе ја продолжи во Кина.
Како што пренесуваат шпанските медиуми, Португалецот договорил соработка со Хебеј вредна 15 милиони евра годишно.
Пепе во февруари ќе наполни 34 години, сакаше нов двегодишен договор во Мадрид, но шампионот на Европа му понуди продолжување на соработката само на 12 месеци поради клупската политика.
Хебеј неодамна го презеде Мануел Пелегрини, поранешниот тренер на Реал Мадрид, Манчестер сити и Малага, а во екипата се Езекиел Лавеци, Жервињо и Стефан Мбија.
Преселбата на Пепе во Кина веројатно значи дека ќе остане без место во селекцијата на Португалија за Светското првенство 2018 година, кога веќе ќе има 35 години.
Реал го доведе Пепе во 2007 година од Порто за 30 милиони евра, а во текот на деветте и пол сезони на „Сантијаго Бернабеу“ одигра 327 натпревари и постигна 14 голови.
Со мадриѓаните имаше по два трофеи во: Кралскиот куп, Суперкупот на Шпанија, Ла Лига, Лигата на шампионите и Светското клупско првенство, како и еден трофеј на Суперкупот на УЕФА.
Со Португалија беше шампион на Европа минатата година, а на 78 настапи постигна четири гола. Кариерата ја почна во Маритимо, а роден е во Бразил.