Корисничко име Лозинка Пријави се
30.1.2017

Франција доминантно ја одбрани титулата, Лазаров најдобар стрелец

Ракометарите на Франција ја одбранија светската шампионска титула со победата над Норвешка со 33-26 во финалето во Париз.

„Триколорите“ шести пат ја освоија титулата, а ги предводеше Никола Карабатиќ со шест гола.
Норвежаните добро му парираа на домаќинот во првите 30 минути во Берси, имаа и предност од три погодоци, но Франција со серијата 5-1 пред крајот направи пресврт на 18-17 на полувремето.
Домаќинот продолжи во тој ритам и во второто полувреме, Французите на стартот на вториот дел стигнаа до разлика од три гола, а на средината и до пет (24-19), со што дефинитивно го здробија ривалот. Најголемата предност беше 31-23.
По еден гол помалку од Карабатиќ постигнаа Валентен Порте, Микаел Гигу и Кентин Маје, додека на другата страна се истакна Кент Робин Тонесен со ист учинок.
Французите се рекордери со шест титули (претходно во 1995, 2001, 2009, 2011, 2015 година), пред Шведска и Романија, коишто имаат по четири златни медали.
По три трофеи имаат Русија и Германија, два освоија Шпанците, а по еднаш шампиони на планетава беа поранешна Југославија, Чехословачка и Хрватска. Само еден тим надвор од Европа има освоено медал, Катар сребрен како домаќин на претходното првенство.
Французите вкупно имаат 18 медали на европските и на светските првенства и на олимписките игри, од кои 11 златни, два сребрени и пет бронзени.
Норвешка во Франција го освои првиот медал на некое Светско првенство. До бронзата во Париз стигна Словенија, со победата над соседот Хрватска.
Кире Лазаров, капитенот на македонската репрезентација, е најдобриот стрелец на Светското првенство во Франција. Со 50 постигнати погодоци на шест натпревари, Лазаров беше недостижен за другите ракометари, кои дел од нив одиграа и по три натпревари повеќе од Лазаров.
Лазаров е актуелен рекорден на ЕП и СП, а ова е веќе трето признание за нашиот репрезентативец. Првото признание беше во Хрватска на Светското првенство 2009 година, кога постави нов рекорд со 92 погодоци од девет натпревари. Второто признание беше три години подоцна, на Европското првенство 2012 во Србија, кога стана рекордер со 61 постигнат гол. Ова се статистики кои зборуваат за големината на нашиот капитен, кој продолжува да соборува рекорди на клупско и репрезентативно ниво.

Најнови вести