Корисничко име Лозинка Пријави се
08.2.2017

Челниците на Лестер го поддржаа Раниери

Челниците на Лестер му дадоа поддршка на менаџерот Клаудио Раниери, откако актуелниот шампион на Англија се најде во борбата за опстанок.

„Лисиците“ минатата сезона го шокираа фудбалскиот свет освојувајќи ја Премиер лигата прв пат во историјата, есеноска лесно изборија осминафинале на Лигата на шампионите, но моментно се само на еден бод од зоната за испаѓање од Премиер лигата.
По еден месец откако Раниери го доби признанието на ФИФА за најдобар тренер во 2016 година, навивачите и јавноста во Англија шпекулираат за негово можно заминување, бидејќи Лестер изгуби 13 од 24 натпревари.
„Во контекст на неодамнешните шпекулации, фудбалскиот клуб Лестер сака апсолутно јасно да му пружи непоколеблива поддршка на тренерот Клаудио Раниери. Сите во клубот мислат дека моментната форма на екипата мора да се поправи, а големиот успех што го постигнавме во претходните сезони е заснован врз основа на стабилност, заедништво и одлучност да се надминат и најголемите предизвици“, се наведува во соопштението на клубот.
Прва задача на Раниери е Лестер да остане во ФА купот, односно денес да го победи второлигашот Дерби во повторениот натпревар. Раниери изјави дека не барал јавна поддршка од управата на клубот.
„Со ова завршуваат сите шпекулации. Што се однесува до мене, мојата работа секогаш е иста, да се концентрирам на наредниот натпревар. За мене е важно да се обидам да најдам вистинско решение за моите фудбалери“, изјави 65-годишниот Италијанец.
Лестер во наредното коло гостува кај Свонси.

Најнови вести