09.2.2017 Венгер: Челзи шампион? Не е завршено, верувам во својот тим
Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, изјави дека одбива да се предаде во трката за титулата на Премиер лигата, и покрај тоа што лидерот Челзи има голема предност од 12 бода.
Венгер, кој во далечната 2004 година последен пат беше шампион на Англија со Арсенал, изјави дека смета дека „топчиите“ сè уште имаат шанса.
„Никогаш не е завршено сè додека постои теорија, дури кога и медиумите го мислат тоа. Ние имаме поинакво размислување. Челзи има голема предност, веројатно и поради тоа што не игра во Европа, но ние мораме да останеме обединети и сигурни во себе“, изјави Венгер, пренесе Би-би-си.
Тој додаде дека не го загрижил банерот на натпреварот против Челзи на којшто пишуваше дека е време да го напушти Арсенал.
„Важно е да се фокусираме на натпреварите, а не да му придаваме големо внимание на еден навивач. Навивачите имаат високо ниво на очекувања, но не можете од вторник до викенд да го сакате, па да го критикувате тимот“, додаде францускиот стручњак.
Фудбалерите на Арсенал моментно се на четвртото место на табелата на Премиер лигата со 47 бодови, а пред нив се само Манчестер сити, Тотенхем и Челзи.