Корисничко име Лозинка Пријави се
22.2.2017

Гриезман во историјата на Атлетико Мадрид

Антоан Гриезман влезе во историјата на Атлетико Мадрид. Во победата во Леверкузен (4-2) тој го постигна вториот гол и на тој начин го престигна легендарниот играч на клубот Луис Арагонес според бројот на погодоци во Купот и во Лигата на шампионите.

На ефикасниот Французин тоа му беше 13-ти погодок во елитата во црвено-белиот дрес.
„Многу сум горд што станав дел од историјата на Атлетико. Секогаш сакам максимално да ѝ помогнам на екипата и се надевам дека ќе продолжам вака. Знаевме дека ќе биде тежок натпревар и тие нам ни создаваа многу тешкотии со нивниот пресинг. Сепак, нашиот тренер направи одредени промени на теренот и сега имаме предност од два гола пред реваншот“, изјави Гриезман по натпреварот на „Бај арената“.
Асистент кај неговиот гол повторно беше Кевин Гамеиро. Земјакот оваа сезона му асистираше дури седум пати.
„Често разговараме пред натпреварот кој кому ќе му додаде во одредени ситуации. Одлично функционираме заедно и двајцата постигнуваме голови. И јас нему три пати му асистирав во текот на сезоната. Се бараме еден со друг на теренот, точно знам каква топка сака да му испратам“, додаде Гриезман.
Во 71-вата минута Диего Симеоне реши Гамеиро да го извади од игра, а Гриезман покажа незадоволство со таа одлука. Сепак, во изјавата беше смирен.
„Кевин игра одлично, сè правеше како што треба. Меѓутоа, нашиот тренер секогаш одлично ја согледува ситуацијата и го извади од игра“, изјави Гриезман.
Реванш-натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу Атлетико Мадрид и Баер од Леверкузен на програмата е на 15-ти март, на стадионот „Висенте Калдерон“.

Најнови вести