Корисничко име Лозинка Пријави се
22.2.2017

УЕФА во дилема: Лајпциг или Салцбург во Лигата на шампионите?

УЕФА се најде пред неочекуван избор бидејќи има можност двата клуба коишто ги контролира иста организација да учествуваат во европските купови, што е забрането според прописите на Европската куќа на фудбалот.

Лајпциг РБ моментно е второпласиран во германското првенство, додека во Австрија на врвот на табелата е Салцбург, другиот тим кој го контролира „Ред Бул“. Со оглед на тоа дека има шанса двата тима да играат во Лигата на шампионите, се поставува прашањето што ќе биде во тој случај.
Од УЕФА не сакаат да брзаат, туку велат дека целиот случај е хипотетички и дека конечната одлука, ако се случи тоа, ќе биде донесена во јуни.
„Кога од националните сојузи во јуни ќе ја добиеме листата со тимовите коишто се пласирале во европските натпреварувања, тогаш ќе одлучиме“, велат од УЕФА.
Членот 5 од Регулативата на европските натпреварувања гласи: „ниту еден клуб кој учествува во европските натпреварувања не може директно или индиректно да биде сопственик на клуб, или дел од друг клуб, кој исто така учествува во европските натпреварувања“, и на сосема јасен начин ја објаснува состојбата, но останува прашањето тогаш кој да биде елиминиран?
Од друга страна, Оливер Минцлаф, кој е извршен директор на Лајпциг РБ и шеф на „Ред Бул фудбалот“, изјави дека најновите информации се само претпоставки и дека нема грижа.
„Ние во Лајпциг не сме загрижени и досега од УЕФА нам не ни стигнале никакви сигнали во таа насока. Ако се квалификуваме, мислам дека нема страв дали ќе играме во Европа“, изјави Минцлаф.
Лајпциг е основан во 2009 година и оваа сезона е еден од најдобрите во Бундеслигата, додека Салцбург е трократен последователен шампион и моментно лидер на австриската лига. Поради истиот спонзор, Лајпциг не можеше да стави предзнак „Ред Бул“, како Салцбург, па ја искористи скратеницата РБ (Rasen Ballsport).

Најнови вести