23.2.2017 Ланана потпиша нов договор со Ливерпул
Адам Ланана, фудбалерот на Ливерпул, потпиша нов договор со клубот.
Англичанецот ја продолжи соработката на три плус една година, а седмично ќе заработува 110 илјади фунти.
Новиот договор и поголемата плата се последица на добрите партии на Лалана во последно време за екипата на Јирген Клоп. Тој оваа сезона на 27 настапи постигна седум гола.
Лалана во Ливерпул стигна во 2014 година од Саутхемптон за 25 милиони фунти и одигра 117 натпревари во сите натпреварувања.
„Ми требаше време да се адаптирам, но сега се чувствувам како дома и мислам дека тоа се чувствува и на теренот. Најважно е што чувствувам дека навистина можам да бидам уште подобар во годините што следуваат. Мислам дека моментно играм најдобро во својата кариера, свеж сум и подготвен на тоа ниво да останам уште долго. Одлуката за продолжување на договорот не беше тешка, ниту секунда не се двоумев“, изјави Лалана и додаде дека екипата ги има сите предуслови да игра на високо ниво.
„Ги имаме сите услови да бидеме успешни. Знаеме дека менаџерот ќе биде посветен на клубот во наредните години, така што сè е на место. Имаме стабилност и амбиција, тоа е добитна комбинација. Верувам дека можеме секого да го победиме. Сега е добро е време да се биде во Ливерпул, а како што рече Клоп неодамна, ние сме уште на почетокот на својот развој, така што пред нас се подобри времиња“, додаде Лалана.
Менаџерот Јирген Клоп е задоволен од продолжувањето на соработката.
„Ова се фантастични вести за нас. Адам е природен водач и важно е што го имаме во тимот и во соблекувалната. Можеби неговото лидерство не се гледа толку од страна колку што ние го гледаме тоа секој ден. Пред него се најдобрите години. Во фантастична форма е, има страст за фудбалот и тоа се гледа на секој чекор“, изјави Клоп.