28.2.2017 Клоп разочаран: Игравме за нашата иднина, не може вака...
Ливерпул одигра уште еден разочарувачки натпревар против Лестер и со тоа си ги намали шансите за место во најдобрите четири и учество во Лигата на шампионите во следната сезона.
Јирген Клоп, менаџерот на „црвените“, изјави дека е разочаран од лошата партија на неговите избраници по поразот од Лестер со 3-1 и додаде дека тие играат за нивната иднина, па доколку не одговорат на задачите, во текот на летото може лесно да си заминат од „Енфилд роуд“.
„Работата станува сериозна. Не може да се игра вака, играме за нашата иднина, вклучувајќи ја тука и мојата. Имаме квалитет, можеме да играме одличен фудбал, го докажавме тоа, но проблем е тоа што не го покажуваме на секој натпревар. Нема сомнение дека мораме многу подобро, јас чувствувам најголема одговорност, нема никаков изговор, ние сме Ливерпул и вакви игри се недозволиви. Првиот гол го примивме почетнички, како да беше пријателски натпревар, слабо почнавме, а исто така и завршивме“, изјави Јирген Клоп.
Клоп сè повеќе е критикуван, особено поради изборот на дефанзивните играчи по лошата игра на Лукас Леива против Лестер, откако тој се пресели од средниот ред во последната одбранбена линија.