Корисничко име Лозинка Пријави се
07.3.2017

Лига на шампиони: Можат ли Арсенал и Наполи да направат чудо?

Денес почнуваат реванш-натпреварите од осминафиналето на Лигата на шампионите, натпреварите во кои Арсенал и Наполи бараат чудо против фаворитите Баерн Минхен и Реал Мадрид.

Пред Арсенал практично е невозможна мисија, во Минхен беше поразен со 5-1, па ќе мора да направи најголем пресврт во историјата на Лигата на шампионите ако мисли да ја избегне седмата елиминација по ред во осминафиналето.
Екипата на Арсен Венгер немаше убава увертира, минатиот викенд беше поразена од Ливерпул (3-1) и му го препушти четвртото место во Премиер лигата, кое води во Лигата на шампионите наредната сезона.
Покрај тоа, сè погласни се приказните дека Алексис Санчес, најдобриот фудбалер на Арсенал, незадоволен од резултатите, налето ќе го напушти клубот, додека неизвесно е и останувањето на Венгер.
За разлика од Арсенал, Баерн реваншот на „Емирати“ го чека сосема безгрижно, прв е на табелата на Бундеслигата со седум бодови предност, а во претходното коло лесно славеше против Келн со 3-0.
„Мораме да останеме фокусирани и уште во првиот квартал од натпреварот да му покажеме на Арсенал дека сме се пласирале во наредната рунда“, изјави Филип Лам, капитенот на „баварците“.
Наполи пред реваншот е во малку подобра ситуација од Арсенал, по поразот во Мадрид од Реал (3-1), пред него е тежок испит прв пат во историјата да избори четврт-финале во европското натпреварување.
И соблекувалната на Наполи е под притисок, претседателот Аурелио де Лаурентис ги критикуваше тимот и тренерот Маурицио Сари поради поразот на „Сантијаго Бернабеу“, но мирот пред натпреварот е купен со победата над Рома (3-1) во последното коло на Серија А.
Она што е сигурно, на фудбалерите на Наполи против шампионот на Европа нема да им недостасува поддршка на бучниот и преполн стадион „Сан Паоло“.

Лига на шампиони, осминафинале:
Наполи – Реал Мадрид (прв натпревар 1-3)
Арсенал – Баерн Минхен (1-5)
Среда:
Борусија Дортмунд – Бенфика (0-1)
Барселона – ПСЖ (0-4)
14-ти март:
Јувентус – Порто (2-0)
Лестер – Севилја (1-2)
15-ти март:
Монако – Манчестер сити (3-5)
Ателтико Мадрид – Баер Леверкузен (4-2)

Најнови вести