Корисничко име Лозинка Пријави се
09.3.2017

Енрике веруваше во шесте голови: Ова е фудбал

Луис Енрике, тренерот на Барселона, пред реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите со ПСЖ изјави дека неговиот тим може да постигне шест голови и не погреши.

Каталонците беа на чекор од елиминација од елитното натпреварување по поразот од 4-0 во Париз пред три седмици, но на „Камп ноу“ дојдоа до сензационална победа со 6-1 и се пласираа во следната фаза.
Барселона е првиот тим во историјата на Лигата на шампионите кој го надополнил заостанувањето од четири гола во нокаут-фазата на натпреварувањето, а успехот е поголем поради фактот дека тимот на Енрике водеше со 3-1 до последните две минути и дека му беа потребни уште три гола за пресврт.
Нејмар да Силва постигна два гола во три минути, во 88-мата и во 91-вата од пенал, а потоа стоте илјади луѓе на „Камп ноу“ ги доведе во делириум Серхи Роберто со погодокот во 95-тата минута.
„Сакам да им се обратам на сите оние коишто ја изгубија вербата по поразот од 4-0. Оваа победа им ја посветувам ним бидејќи ова не се Харлем Глобтротерс, ова е фудбал. Никој од нас не престана да верува. Кога ќе погледнам сега, и покрај нивниот гол, нашето издание беше импресивно. Многу ризикувавме и се исплатеше. Ваквите пресврти понекогаш се случуваат во фудбалот, мило ми е што сега беше таков случај“, изјави Енрике.
Многумина се надеваа дека Барселона ќе биде елиминирана, а најгласен меѓу нив беше Серхио Рамос, дефанзивниот играч на омразениот ривал Реал.
„Секако, нашиот пласман нема да им одговара на многу други тимови. Сите коишто се пласираа и коишто ќе се пласираат имаат шанса за титулата“, изјави тренерот на Барселона.

Најнови вести