Корисничко име Лозинка Пријави се
09.3.2017

Чаби Алонсо: Дојде вистинското време за крај

Легендарниот играч за врска Чаби Алонсо потврди дека кариерата ќе ја заврши кога на крајот на сезоната ќе му истече договорот со Баерн од Минхен.

Алонсо од осумнаесетгодишната играчка кариера ќе се збогува пред 37-миот роденден, проткаена со многу пехари на клупската и на репрезентативната сцена.
„Не беше лесно да се донесе оваа одлука, но верувам дека е вистинскиот момент. Секогаш сум мислел дека е подобро да се отиде порано отколку подоцна. Сакам да ја завршам кариерата на највисоко ниво, а Баерн е највисоко ниво. Неверојатно сум горд што играм за Баерн и што сум дел од ова семејство“, изјави Алонсо за телевизискиот канал на Баерн.
Тој професионалната кариера ја почна во Реал Сосиедад на почетокот на овој век, а светска слава стекна играјќи за Ливерпул, со кого ја освои Лигата на шампионите во 2005 година. Таа титула ја освои и со Реал во 2014. Со него го освои и првенството на Шпанија во 2012 година.
Нови трофеи освојува од доаѓањето во Баерн, со кого освои две врзани титули и еден Куп.
„Фудбалскиот клуб Баерн му се заблагодарува на големиот играч и човек што го претставуваше Баерн на толку високо ниво и на теренот и надвор од него. Чаби Алонсо е еден од фудбалските великани. Освои сè што може да се освои во текот на кариерата. Тој е сосема комплетна личност и вистински фудбалски џентлмен“, изјави Карл-Хајнц Румениге, извршниот директор на Баерн.
Алонсо беше еден од клучните играчи на репрезентацијата на Шпанија, која освои две последователни европски првенства, 2008 и 2012 година, како и Светското првенство 2010.
„Искусив толку многу како играч на Сосиедад, Ливерпул, Реал Мадрид и Баерн. Сите тие се големи клубови. Секако, и со Шпанија. Никогаш не сум мислел дека ќе имам толку голема кариера, а се надевам дека ќе има уште нешто пред да се заврши“, изјави Алонсо.
Баерн моментно има седум бодови предност на врвот на табелата на Бундеслигата, се наоѓа во четврт-финалето на Лигата на шампионите и во полуфиналето на Купот на Германија, така што Алонсо има добри шанси да освои уште некој трофеј пред крајот на сезоната.

Најнови вести