14.3.2017 ПСЖ не се откажува: Седум докази дека се оштетени
ПСЖ не може да ја преболи елиминацијата од Лигата на шампионите, иако и самиот има заслуга за болниот пораз од Барселона со 6-1 (првиот натпревар 0-4).
Парижаните сепак главниот виновник го гледаат во арбитерот Дениз Ајтекин и неговите помошници, коишто не виделе неколку спорни ситуации.
ПСЖ видел седум, ги набројал на десет страници, документирани со графика и видеоматеријал, како и мислења на разни меѓународни судии и испратил официјална жалба до УЕФА со јасна порака – еве докази дека сме ограбени!
Во ПСЖ сметаат, а пренесува шпанската „Марка“, дека драстично се оштетени во следните ситуации:
1. Маскерано играл со рака во казнениот простор, а судијата Ајтекин не гледал иако се наоѓал само на 18 метри од топката.
2. Судијата не му покажал втор жолт картон на Пике, кој го фаулирал Кавани во опасниот напад на гостите. Во тој момент Барселона водела со 2-0.
3. Парижаните сметаат дека Ајтекин не бил одлучен кога ѝ досудил пенал на Барселона по паѓањето на Нејмар. Прво Моние се сопнал, а Нејмар барал контакт и паднал преку неговата глава. Главниот и линискиот судија биле оддалечени само 15 и 30 метри, а им требале 17 секунди да донесат одлука.
4. Бразилецот Нејмар бил агресивен и удрил играч на ПСЖ без топка во моментот кога Барселона водела 3-1.
5. ПСЖ бил во напад во 78-мата минута, Ди Марија центрирал, а топката го погодила Пике во раката.
6. Маскерано самиот признал дека го фаулирал Ди Марија. ПСЖ се жали на УЕФА дека во таа ситуација играчот на Барселона морал да добие црвен картон, а ПСЖ казнен удар.
7. Луис Суарес театрално паднал при вториот казнен удар за Барселона. Парижаните сметаат дека требало да добие втор жолт картон поради симулација.