Корисничко име Лозинка Пријави се
15.3.2017

Лига на шампиони: Може ли Монако како Барселона?

Преостанаа уште две места во четврт-финалето на Лигата на шампионите, а со една рака ги држат Манчестер сити и Атлетико Мадрид, но, сè е можно во фудбалот.

Сити вечерва ќе го брани резултатот од 5-3 во Монако, а Атлетико Мадрид 4-2 против Баер од Леверкузен на неговиот „Висенте Калдерон“.
Со оглед на напаѓачкиот менталитет на двата тима, кој ни донесе спектакл на „Етихад“ пред три седмици, нема сомнение дека и реваншот на „Луј Втори“ ќе биде фудбалски празник.
Монако постигна дури 84 гола во француската Лига 1, каде што е прв на табелата, па се надева дека Фалкао, Килијан Мбапе, Бернардо Силва и Томас Лемар и останатите ќе продолжат со теророт и против Сити,секако, со вистинска игра во одбраната.
„Оваа сезона играм во континуитет, сите од клубот ми веруваат и се чувствувам важен. Со самодовербата доаѓаат и головите, не можам да заборавам да ги постигнувам“, изјави Радамел Фалкао, кој имаше проблеми со повреда изминатите денови.
Од друга страна, избраниците на Пеп Гвардиола ја подигнаа формата во последно време и почнаа да бележат победи, последната против Мидлсборо (2-0) во ФА купот, но Монако ќе биде многу поголем залак.
„Нема да го менуваме нашиот стил. Ќе играме како и досега, ќе направиме голема грешка ако се браниме“, изјави Пабло Забалета, дефанзивниот играч на „граѓаните“, кој ќе биде задолжен за опасниот Мбапе, по одличните улоги на 18-годишниот Французин на „Етихад“.
Во другиот натпревар би требало да има помалку дилеми, тешко е да се очекува дека Баер во Мадрид ќе може да го надополни заостанувањето од неговиот терен, пред сè поради игрите коишто ги покажаа двата тима во Леверкузен, бидејќи Атлетико беше поубедлив од тоа што го кажува резултатот.
Останува тоа дека Германците никогаш не се предаваат, веројатно и сега ќе биде така, но менталитетот и квалитетот на Атлетико и на тренерот Диего Симеоне не би требало да внесат каква било неизвесност на бучниот „Висенте Калдерон“.
Во центарот на вниманието ќе биде Антоан Гриезман, напаѓачот и најдобар фудбалер на „јорганџиите“, стрелец на шест гола од претходните седум натпревари. Тајфун Коркут, новиот тренер на Баер, изјави дека е уверен дека неговиот тим нема да доживее нов пораз од Атлетико.
„Претходните седмици бевме сведоци што сè може да се случи во фудбалот. Нема да изгубиме во Мадрид, ќе се бориме до крајот и знаеме што ни е потребно за да избориме пласман во следната рунда“, изјави со оптимизам Коркут.
Натпреварите во Мадрид и во Монако се играат во стандардниот термин на Лигата на шампионите, од 20.45 часот.

Најнови вести