21.3.2017 Пандев амбасадор на Суперкупот на УЕФА
Горан Пандев, капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, е промовиран за амбасадор на Суперкупот на УЕФА 2017, кој ќе се одигра во август, во Скопје.
Пандев на конференцијата за новинарите се заблагодари за довербата и посака на осми август, на Националната арена „Филип Втори“ да се борат Јувентус или Барселона против Манчестер јунајтед.
Илчо Ѓорѓиоски, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, изјави дека фудбалскиот спектакл на Суперкупот ќе биде одржан на еден од најдобрите стадиони во регионот.
„Арената официјално ќе биде затворена на 11-ти јуни, кога се игра квалификацискиот натпревар меѓу Македонија и Шпанија. Потоа ќе работиме на подготовка на теренот“, изјави Цветко Грозданов, директорот на Јавното претпријатие кое управува со стадионот.
Јавното претпријатие кое управува со стадионот „Филип Втори“ наведува дека стадионот ќе биде подготвен за големиот настан, напомнувајќи дека досега имало повеќе од 80 инспекции од УЕФА и дека ги спровело сите нејзини препораки.