Корисничко име Лозинка Пријави се
21.3.2017

Варди: Смртно ми се закануваа по отказот на Раниери

Џејми Варди, напаѓачот на Лестер, изјави дека тој и неговото семејство се на удар откако Клаудио Раниери доби отказ на местото менаџер на „лисиците“.

По девет месеци откако ја освои шампионската титула со клубот, Раниери беше отпуштен, а Варди ги демантира обвинувањата дека тој влијаел на одлуката.
„Тоа е застрашувачко. Прочитав еден текст во којшто пишува дека сум учествувал во состанокот по натпреварот со Севилја, а всушност три часа седев на контрола за допинг. Оваа приказна е во јавноста, некој ја зел и потоа добивам смртни закани во врска со семејството, со децата“, изјави 30-годишниот напаѓач и додаде:
„Кога луѓето ќе ѝ го пресечат патот на сопругата при возење со децата на задното седиште, тогаш ситуацијата не е баш најдобра“.
Како што дознава Би-би-си, некои играчи на Лестер биле на состанок со управата по поразот од Севилја во Лигата на шампионите, а судбината на Раниери ја запечатила негативната реакција.
Откако Крег Шекспир го презеде местото менаџер, Лестер врза четири победи и се пласира во четврт-финалето на Лигата на шампионите.
„Ако некогаш постоеше проблем со менаџерот, ние играчите ќе отидевме кај него во канцеларија и тоа ќе го решевме пред тактичката табла, секогаш беше отворен за други мислења. Тие приказни за мое влијание врз неговиот отказ ме заболеа – многу лажни обвинувања од кои човек не може да се одбрани“, изјави Варди.

Најнови вести