Корисничко име Лозинка Пријави се
22.3.2017

Вејн Руни налето повторно во дресот на Евертон

Вејн Руни, живата легенда и капитен на Манчестер јунајтед, налето ќе се врати во матичниот Евертон, ексклузивно дознава „Индепендиент“.

Последните месеци се шпекулираше дека Руни и дефинитивно ќе го напушти „Олд Трафорд“, а изгледа дека кариерата ќе ја заврши таму каде што ја почна – во дресот на „карамелите“.
Како што се наведува, двете страни се блиску до договор, а Јунајтед дури е подготвен да го пушти Руни без оштета, но само доколку тимот од „Гудисон парк“ му понуди на играчот седмична плата од 150.000 фунти.
Вејн Руни во Манчестер јунајтед сега заработува 230.000 фунти за седум дена.
Од друга страна, претходните денови се шпекулираше дека капитенот на репрезентацијата на Англија би можело да го засили Вест хем, но Руни, кога е во прашање Англија, го сака само клубот од кого во 2004 година на осумнаесетгодишна возраста стигна во Јунајтед.
На почетокот на оваа година актуелна беше приказната дека Вејн ќе заврши во кинеската Суперлига, но самиот играч ја отфрли таа можност. Пред сè дека верува дека и понатаму поседува квалитет да игра фудбал на највисоко ниво, односно да не биде далеку од очите на Герет Саутгејт, селекторот на „гордиот Албион“, кој не го смести во списокот за претстојните натпревари со Германија и со Литванија, но и дека би се обидел да се избори за место во тимот за Мундијалот во Русија во 2018 година.
Вејн е роден во Ливерпул, потекнува токму од Евертон, каде што за две сезони постигна 15 погодоци на 71 средба, пред да стане член на Јунајтед.
Во дресот на „црвените ѓаволи“ стекна бесмртен статус, освои: пет титули на Премиер лигата, ФА купот, три пати Лига купот, четири пати Комјунити шилд, Лигата на шампионите и Светското клупско првенство на ФИФА, додека неодамна стана и најдобар стрелец во историјата на Манчестер јунајтед со 250 голови на 550 натпревари и 145 асистенции.

Најнови вести