Корисничко име Лозинка Пријави се
25.3.2017

Тоти: Нема да бидам тренер, до јуни ќе одлучам дали уште ќе играм

Франческо Тоти, легендарниот капитен на Рома, ја отфрли можноста дека по завршувањето на фудбалската кариера, ќе стане тренер, иако претходно размислувал за тоа.

Франческо Тоти изјави дека најдоцна до јуни ќе објави дали ќе продолжи со активно играње или ќе отиде во функционерите.
„Размислувам за мојата иднина, донесов одлука, но ќе ја објавам дури во мај или во јуни. Сигурен сум дека нема да бидам тренер, не сакам да бидам наспроти 30 лукави фудбалери. Има три опции, да продолжам да играм во Рома, да станам директор или да завршам со фудбалот и да работам нешто друго“, изјави 40-годишниот Тоти за италијанскиот „Л’Интервиста“.
Тоти го заслужи статусот легенда на Рома бидејќи во тој клуб ја помина целата кариера и во повеќе наврати ги одбиваше богатите понуди на Реал Мадрид, Челзи, Милан...
„Бев блиску до трансфер во Реал и размислував да го напуштам Рим. Сепак, не го направив тоа. Она што е сигурно е тоа дека никогаш не би играл за друг италијански клуб“, изјави фудбалерот на „волчицата“.
Тоти е во Рома од 1989 година, уште од младинската селекција, и држи два клупски рекорди – според бројот на натпревари 778 и на голови 307.

Најнови вести