Корисничко име Лозинка Пријави се
27.3.2017

Фетел ја освои Австралија, прва победа на Ферари по 26 трки!

Себастијан Фетел, возачот на Ферари, триумфираше на Големата награда на Австралија, со која почна новата сезона на Формула 1.

Фетел во Мелбурн зад себе го остави Луис Хамилтон, кој заврши на втората позиција иако стартуваше од пол-позицијата, како и другиот возач на Мерцедес – Валтери Ботас.
Одлучувачки момент на патеката „Алберт парк“ беше тактичката грешка на Мерцедес, Хамилтон го повикаа многу порано од останатите возачи во боксот за да ги промени пневматиците, но кога се врати на патеката, се најде заглавен зад Макс Ферстапен.
Тоа го искористи Фетел, кој го престигна и на крајот успеа да го оствари првиот триумф уште од 2015 година, а вкупно 43-ти во кариерата.
Валтери Ботас, кој по заминувањето на минатогодишниот шампион Нико Розберг, ја пополни дупката во Мерцедес, уште на самиот старт дојде до борба за подиумот. Му се закануваше Кими Раиконен, но младиот Финец успеа да му се спротивстави и да заврши на третата позиција.
Зад најдобрите петмина имаше многу поголема борба, а подобар од останатите беше повратникот во Формула 1, Фелипе Маса во Вилијамс, пред Серхио Перез, возачот на Форс Индија. Карлос Саинс јуниор во болидот на екипата Торо Росо го зазеде деветтото место, пред првиот тимски колега Данил Квјат, додека последниот бод отиде во рацете на Естебан Окон, другиот возач на Форс Индија.
Овогодишниот шампионат во Формула 1 продолжува со Големата награда на Кина во Шангај, на деветти април.

Пласман на возачите во трката за Големата награда на Австралија:
1. Себастијан Фетел (Ферари) еден час, 24 минути, 11, 670 секунди
2. Луис Хамилтон (Мерцедес) +9,975 секунди
3. Валтери Ботас (Мерцедес) +11,250
4. Кими Раиконен (Ферари) +22,393
5. Макс Ферстапен (Ред Бул) +28,827
Пласман на возачите по трката за Големата награда на Австралија:
1. Себастијан Фетел (Ферари) 25
2. Луис Хамилтон (Мерцедес) 18
3. Валтери Ботас (Мерцедес) 15
4. Кими Раиконен (Ферари) 12
5. Макс Ферстапен (Ред Бул) 10
Пласман на конструкторите:
1. Ферари 37
2. Мерцедес 33
3. Ред Бул 10
4. Вилијамс 8
5. Форс Индија 7

Најнови вести