29.3.2017 Барселона огорчена поради суспензијата на Меси
Барселона ја критикуваше одлуката на ФИФА да го суспендира Лионел Меси на четири натпревари за настапите на Аргентина во квалификациите за Светското првенство.
Каталонците сметаат дека казната за нивниот најдобар фудбалер е превисока, откако Меси ја заработи поради тоа што го опцул судијата на натпреварот против Чиле минатиот петок.
„Барселона изразува изненадување и огорченост на реакцијата на Дисциплинската комисија на ФИФА. Казната од четири натпревари не е чесна и целосно несразмерна. Му даваме поддршка на Лионел, вистински пример како еден фудбалер би требало да се однесува на и надвор од теренот“, се наведува во соопштението на каталонскиот клуб.
Меси не играше во поразот на Аргентина во Боливија (2-0), по што „гаучосите“ дојдоа дури на петтото место на табелата на јужноамериканските квалификации, кое води во баражот.
Тој нема да игра против Уругвај, Венецуела и против Перу. Капитенот на Аргентина ќе биде подготвен дури во последното коло од квалификациите за гостувањето на Еквадор на десетти октомври.