Корисничко име Лозинка Пријави се
01.4.2017

Клоп: Светот ќе застане на 90 минути во текот на дербито

Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека светот ќе застане на 90 минути во текот на денешното градско дерби со Евертон во Премиер лигата.

Поранешниот тренер на Дортмунд откако дојде во Ливерпул, тимот го водеше во две градски дербија и во двете неговиот тим победи, со 4-0 пред една година и со 1-0 во декември.
Тренерот на „црвените“ на новинарите им изјави дека ужива во посебната атмосфера.
„Нема многу градови во светот со клубови од оваа големина и важност. Мислам дека не сум многу способен во многу животни активности, но можеби сум гениј во разбирање дерби, бидејќи не ми требаше ниту секунда да го сфатам ова. Светот застанува на 90 минути во градот. Фудбалот не е најважната работа на светот, но ние сакаме да мислиме на неколку моменти дека е“, изјави Клоп.
Тој додаде дека Ливерпул сепак е домаќин во овој натпревар. 
„Навистина би сакал да се види овој факт. Бидете агресивни и борете се за сè за да ги усреќите навивачите“, додаде менаџерот на Ливерпул.
Евертон на „Енфилд роуд“ последен пат победил во 1999 година, но во натпреварот влегува само по еден првенствен пораз од декември.
Во „карамелите“ игра Ромелу Лукаку, моментно првиот стрелец на Лигата, а гостите со евентуална победа би заостанувале само со три бода.
„Лукаку навистина е добар напаѓач. Ја има нашата почит. Му требаат додавања и поддршка од останатите играчи. Како да го избегнеме тоа? Тоа е мојата главна грижа. Евертон е добар тим, навистина се во добра серија и јасно е дека имаат самодоверба. Но, ние сме Ливерпул, играме на ’Енфилд роуд’ и никој не треба да ја потценува моќта на ’Енфилд роуд’“, изјави Клоп.
Дербито на Мерсисајд се игра денес, од 13. 30 часот на „Енфилд роуд“.

Најнови вести