Корисничко име Лозинка Пријави се
04.4.2017

Браќа по трагедијата: Нов дуел меѓу Шапекоенсе и Насионал

Колумбискиот Атлетико Насионал допатува во Бразил, каде што ќе игра против Шапекоенсе, клубот чиј речиси цел тим и управата настрадаа во авионската несреќа пред натпреварот меѓу двете екипи во финалето на Копа Суадамерикана во ноември минатата година.

Трагедијата, судбината и системот на натпреварување повторно брзо ги споија двата клуба, коишто оваа ноќ (00:15 по средноевропско време) ќе го играат првиот натпревар за трофејот на Суперкупот на Јужна Америка. Атлетико Насионал во финалето доаѓа како победник на Копа Либертадорес, додека Шапекоенсе право на учество избори преку Копа Судамерикана, која не ја освои, но трофејот го прими на инсистирање на колумбискиот клуб.
Сè почна на 28-ми ноември, кога авионот со фудбалерите на Шапекоенсе се сруши во близина на Меделин во Колумбија. Загина 71 патник од вкупно 77, од кои 19 фудбалери на бразилскиот клуб, додека преживеаја само левиот бек Алан Рушел, голманот Џексон Фолман и дефанзивниот играч Нето.
Клубот некако се издигна од пепелта, поставен е нов тренер, Вагнер Мансини, а 25 нови играчи потпишаа договори. Солидарниот Атлетико Насионал не сакаше да го прифати трофејот на Копа Суадамерикана, туку бараше да му се додели на Шапекоенсе, што Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) и прифати.
Сега повторно ќе играат, овој пат за трофејот на Суперкупот на Јужна Америка, а малку е да се каже дека Колумбијците во Бразил се дочекани како херои.
Фудбалерите и стручниот штаб на Насионал добиле како подарок посебни медали, кои им ги врачил еден од преживеаните во несреќата, новинарот Рафаел Ханце, а величествено добредојде добиле и од локалните навивачи, коишто ги поздравувале на патот од аеродромот до хотелот.
„Дочекот на Шапекоенсе ги надмина нашите очекувања. Далеку сме од дома, а дочекани сме како херои. Играме против браќа во континенталното финале, не можеме да ја опишеме нашата благодарност“, пишува во соопштението на интернет-страницата на Атлетико Насионал.
Шапекоенсе пред натпреварот на неговите навивачи им препорача да носат бела облека, а поделени се и стихови од песната која заеднички ќе се пее со посебна кореографија. Стадионот од 22 илјади места е распродаден, а реваншот во Меделин се игра на десетти април.

Најнови вести