12.4.2017 Зидан: Не се плашам од Баерн, ме загрижува Реал
Вечерва продолжува четврт-финалето на Лигата на шампионите, дерби на денот е дуелот меѓу Реал и Баерн во Мадрид, додека другиот мадридски тим, Атлетико, го дочекува Лестер.
Овој натпревар, секако, ќе биде под лупа поради вчерашните експлозии во Дортмунд, се очекува многу полиција и многу строги контролни мерки како во околината така и на самиот стадион. Поддршка за ривалот стигна и од минхенската екипа.
„Сите сме со Борусија и му посакуваме на Марк Бартра брзо закрепнување“, изјави Анчелоти на својот профил на „Твитер“.
Овие два тима во ова натпреварување последен пат играа пред три години, кога мадриѓаните на патот кон титулата го совладаа Баерн во полуфиналето со вкупен резултат 5-0. Германците сигурно не им го заборавиле овој тежок пораз, така што нè очекува спектакуларен двомеч.
Сè уште не се знае дали домаќините ќе ги предводи третиот стрелец на натпреварувањето Роберт Левандовски, кој го повреди рамото во натпреварот против Борусија и многу малку тренираше.
„Тренираше само 20 минути бидејќи има проблеми со рамото. Ќе одлучиме во текот на денот дали ќе игра, ако трпи болки, нема да игра. Знаеме колку ни е важен, но ние сме силни и без него“, изјави Анчелоти.
Тимот на Зидан ова гостување го дочекува во добро расположение, во последните девет натпревари има седум победи и две ремија, а на добар пат се по пет години повторно да ја освојат шампионската титула во нивната земја.
„Не се плашам од Баерн. Повеќе се грижам за тоа што го работиме ние. Ние сме многу силна и добро избалансирана екипа. Ќе се обидеме да ја играме својата игра и да победиме“ изјави Зидан.
За разлика од претходните сезони, Роналдо не е најдобар стрелец на тимот во ова натпреварување, има постигнато само два погодока, но затоа е втор асистент со шест успешни додавања, што е некоја нова димензија во неговата игра.
Пулените на Диего Симеоне во последните три сезони играа две финалиња во Лигата на шампионите и во двете беа поразени од најголемиот ривал Реал. Сепак, на нивната игра им завидуваа многумина, а и во оваа сезона се кандидати за највисокиот пласман.
„Не можам да замислам дека некој тим ќе стекне голема предност по овој натпревар. Ќе биде многу тешко и сигурен сум дека победникот на овој двомеч ќе биде решен на нивниот терен“, изјави Чоло Симеоне.
Иако „лисиците“ не се оној тим од претходната сезона во Премиер лигата, во европските натпреварувања покажаа многу подобра и поцврста игра, што го покажува тоа и нивниот пласман меѓу осумте најдобри тимови. Од промената на Клаудио Раниери имаа само еден пораз и позитивно расположени заминуваат во Мадрид.