Корисничко име Лозинка Пријави се
18.4.2017

„Баварците“ по пресврт на „Бернабе“

Денес на програмата се првите реванш-натпревари во четврт-финалето на Лигата на шампионите, а во двата во центарот на вниманието ќе бидат мадридските клубови.

Дербито на програмата е на „Сантијаго Бернабеу“, каде што Реал го дочекува Баерн, по победата во Минхен со 2-1 по пресвртот.
Во другиот натпревар, Атлетико во Лестер ќе ја брани минималната предност од неговиот „Висенте Калдерон“.
Кралскиот клуб ќе биде ослабен бидејќи нема да игра Герет Бејл, кој се повреди токму на натпреварот од четврт-финалето, па не играше ниту минатиот викенд во Ла Лига.
Се очекува во стартната постава да го замени Џејмс Родригес, макар што во саботата против Спортинг во Хихон се истакна Иско.
„Одлучив кој ќе го замени Бејл, но нема да зборувам за тоа“, изјави Зидан на конференцијата за печатот.
Натпреварот претставува и враќање на Карло Анчелоти на „Сантијаго Бернабеу“, каде што во сезоната 2013/14 ја освои титулата клупски шампион на Европа со Реал Мадрид. Сега се наоѓа во поинаква ситуација, бидејќи во првата средба беше поразен од ученикот Зидан со 2-1.
Но, работите би можело да бидат поинакви отколку во Минхен бидејќи во тимот на „баварците“ се враќа првиот стрелец Роберт Левандовски. Полскиот голгетер поради повреда го пропушти првиот дуел, а се покажа дека Баерн не е истата екипа без него и сега ќе биде главна опасност за голманот Кејлор Навас.
„Добро се чувствувам, задоволен сум што се вратив на тренинзите. Сè е во ред“, изјави Левандовски, стрелецот на 38 погодоци на 40 натпревари оваа сезона.
Иако Баерн беше подобриот противник 50 минути, по црвениот картон на Хавиер Мартинес, Реал ја презеде иницијативата и на крајот за малку ќе победеше доста поубедливо.
Вака екипата од Минхен и понатаму е во солидна ситуација, а добро е познато дека Германците се народ кој никогаш не се предава.

Најнови вести