Корисничко име Лозинка Пријави се
19.4.2017

Прв елитен центурион – Кристијано Роналдо

Кристијано Роналдо, најдобриот играч на Реал од Мадрид и на светот, којзнае по кој пат влезе во историјата на европскиот и на светскиот фудбал.

Португалецот постигна хет-трик во победата на Кралскиот клуб над Баерн од Минхен (4-2), кој вреди пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите, но воедно и ново место во историјата.
Роналдо стана прв играч во историјата на Купот/Лигата на шампионите со сто постигнати голови.
На Кристијано за троцифрениот број погодоци му беа потребни 137 натпревари во елитното натпреварување, односно мрежата на ривалите ја тресеше со просек од 0,74 по натпревар.
Сенка на огромното достигнување на најдобриот стрелец во историјата на мадриѓаните, и на комплетниот хет-трик (со главата, со левата и со десната нога), донекаде фрли фактот дека вториот гол го постигна од офсајд позиција, но тоа, секако, не е негова грешка.
Роналдо сега на контото има шест погодоци повеќе од најголемиот ривал од редовите на Барселона, Лионел Меси, кој на 114 средби беше прецизен 94 пати, со просек од 0,82 на 90 минути.
Колку е фрапантен неговиот учинок најдобро зборува податокот дека даде еднаков број голови во Лигата на шампионите колку и градскиот ривал Атлетико Мадрид во неговата историја.
Кога во целата приказна ќе се додадат и погодоците во останатите клупски натпреварувања на УЕФА се доаѓа до бројката од 103 гола. Поранешниот играч на Спортинг од Лисабон и на Манчестер јунајтед е на првото место кога се во прашање сите натпреварувања на Европската куќа на фудбалот.
Тој ја предводи листата со 137 погодоци, втор е уште еден играч на Реал, Раул Гонзалес со 106, трет е Лионел Меси со 97, потоа следуваат Клас-Јан Хунтелар со 91, Андриј Шевченко со 90, Златан Ибрахимовиќ со 87...
Од Роналдо никој не бил повеќе пати стрелец во една сезона на Лигата на шампионите (17), никој нема повеќе пати добиено Златна копачка (4), никој не е повеќе пати избиран во тимот на годината (11), додека со Мишел Платини, легендарната десетка на францускиот фудбал, го дели достигнувањето по бројот на погодоци на завршните турнири на Европското првенство (9).
Нема сомнение дека ова не е крај на походот на триесет и едногодишниот Кристијано Роналдо кон рекордите...

Најнови вести