Корисничко име Лозинка Пријави се
19.4.2017

Јувентус во пеколот на „Камп ноу“, Борусија во Кнежевството

Останува да ги дознаеме уште двата учесника во полуфиналето на Лигата на шампионите – дерби се игра на „Камп ноу“, каде што Јувентус ќе го брани резултатот 3-0 против Барселона.

Од друга страна, Монако пред домашните навивачи ќе се обиде да ја продолжи одличната сезона, по триумфот во Дортмунд над Борусија минатата седмица (3-2).
Екипата од Торино има три гола предност од првиот дуел, меѓутоа, Каталонците во минатата рунда против ПСЖ ги надополнија четирите, па се надеваат дека повторно ќе можат слично и против „старата дама“ од Торино.
„Мораме да веруваме дека повторно можеме да го направиме тоа. Пред неколку дена мојот татко ми рече нешто што ми се врежа во главата, не е важно против кого играме, фактот е дека ние секогаш сме Барселона. Тоа значи дека ние можеме сè. Го направивме еднаш, можеме повторно“, изјави Нејмар.
Одбраната на Јувентус оваа сезона прими само два гола, што значи дека пред Барса е речиси невозможна мисија. Главниот бедем на одбраната, Џорџо Кјелини, изјави дека смета дека неговата екипа не смее да се повлече, бидејќи ајкулите Меси, Нејмар и Суарес ќе го почувствуваат тоа.
„Тие се ајкули, кои ако намирисаат крв, ќе ве довршат. Ако ги сочуваме нивните клучни играчи во опасните зони, ако ги притиснеме и ако бидеме организирани, животот ќе им биде многу тежок. Ако само стоиме одназад без притисок и ги чекаме, ќе изгубиме“, изјави Кјелини.
Во другиот вечерашен натпревар, Дортмунд ќе се обиде да направи изненадување против Монако, кој во првиот натпревар на „Вестфален“ славеше со 3-2.
По експлозијата на бомбата која се случи пред самиот почеток на натпреварот, кога настрада раката на Марк Бартра, челниците на Лигата на шампионите одлучија натпреварот да се одигра еден ден подоцна, што не им се допадна на луѓето од Дортмунд.
По нападот, Дортмунд не успеа психички да закрепне, па Монако го искористи тоа и победи. Ќе видиме каков ќе биде одговорот на Томас Тухел, со оглед на тоа дека мора да триумфираат со два гола или да постигнат макар четири, а да примат еден помалку.
Нема сомнение дека ќе гледаме отворен натпревар, бидејќи играчите на Дортмунд нема што да изгубат.

 

Најнови вести