Корисничко име Лозинка Пријави се
20.4.2017

Бонучи: Никој не нè сака во полуфиналето

Фудбалерите на Јувентус се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите, а стоперот Леонардо Бонучи изјави дека верува дека ривалите се плашат од неговиот тим.

„Старата дама“ не прими гол против Барселона, еден од најдобрите тимови на денешницата, во текот на 180-те минути, и ја продолжи серијата без примен гол на девет часови од почетокот на натпреварувањето.
„Дадовме три гола на нашиот стадион, а на ‘Камп ноу’ не примивме ниту еден, тоа е доказ дека сме голем тим. Мислам дека секоја екипа сака да нè избегне во полуфиналето“, изјави Бонучи.
Крилниот напаѓач Хуан Куадрадо во изјавата го откри добитниот рецепт за победата над Барселона во двомечот.
„Дојдовме свесни колку е голем тимот на Барселона, но можевте да го видите нашиот глад, пожртвуваноста и мислам дека заслужено се пласиравме понатаму“, изјави Куадрадо.
Јувентус е петкратен последователен шампион на Италија, пред две години беше поразен во финалето на Лигата на шампионите од Барселона, а сега е на чекор од ново финале.
„Направивме сè што пробавме на тренингот, штета е што нашите контранапади не донесоа гол, но најважно е што се квалификувавме. Кој е следниот? Мислам дека Бог најдобро ќе одлучи“, изјави Колумбиецот.
Ждрепката за паровите во полуфиналето ќе се одржи утре, во Нион, првите натпревари на програмата се на втори и трети мај, а реваншите ќе се играат на деветти и на десетти мај.

Најнови вести