Корисничко име Лозинка Пријави се
22.4.2017

Зидан: Роналдо ќе блесне како и секогаш кога е важно

Тренерот на Реал Мадрид Зинедин Зидан е оптимист пред „Ел класико“ кое би можело да ја реши шампионската трка во Шпанија и се надева на победа.

„Во недела нема јас да бидам во прв план. Главниот фокус е на играчите. Се надевам на добар фудбал и резултат во наша корист. Кристијано е како и секогаш подготвен да се истакне во решавачките моменти“, изјави Зидан.
Иако Барселона беше елиминирана од Јувентус со два порази, тренерот на „кралскиот клуб“ смета дека тоа нема да ги смени плановите на каталонците во националното првенство.
„Мислам дека елиминацијата од Лигата на шампионите не влијаеше емотивно на Барселона. Тие нема да играат под никаков притисок во Мадрид. Не знам дали Нејмар ќе игра или не. Подготвени сме да се бориме против тимот кој ќе излезе на терен“, истакна Зидан.
„Кралскиот клуб“ моментно е прв на табелата со 75 бодови и натпревар помалку од Барселона која како второпласирана има 72 бода.
„Секогаш има одреден притисок, но тоа не е ништо лошо. Кога судијата ќе свирне крај, тука е следниот натпревар за кој мораме да размислуваме“, заклучи францускиот стручњак.
Мадриѓаните ке ја пречекаат Барселона во недела во 20:45 часот.

Најнови вести