Корисничко име Лозинка Пријави се
25.4.2017

Конте: Сезоната ќе биде добра и ако не ја освоиме титулата

Антонио Конте, менаџерот на Челзи, изјави дека освојувањето на титулата во Премиер лигата би било најголемиот успех во неговата тренерска кариера.

Тој со Јувентус три пати беше шампион на Италија, а со националниот тим на „аѕурите“ на Европското првенство стигна до четврт-финалето.
„Да се освои титулата во Англија е извонредно достигнување и за менаџерот и за играчите и за клубот. Да, сигурно тоа би било мојот најголем успех“, изјави италијанскиот стручњак.
„Не е лесно да се освои трофејот во Англија, така што мораме да бидеме горди на сопствената работа. Мораме да знаеме дека ова сега е добра сезона и дека ќе остане добра сезона, но сакаме таа да стане фантастична сезона. За тоа постои само еден начин – титулата. Пред нас е клучна седмица“, додаде Конте.
Челзи е прв на табелата со 75 освоени бодови, четири повеќе од Тотенхем, а денес го дочекува Саутхемптон, додека викендот ќе гостува кај Евертон.
Минатиот викенд „сините“ се пласираа во финалето на ФА купот со триумфот од 4-2 над Тотенхем.
„Тоа се две различни натпреварувања, во првенството мораме да ја задржиме предноста. Знаеме дека нема да биде лесно бидејќи Саутхемптон е исклучително добар тим. Ги имам стартните 11 во глава, но треба да ја проверам физичката состојба на своите играчи, макар што тренираме добро и не би требало да имаме проблеми со енергијата“, изјави Конте.

Најнови вести