Корисничко име Лозинка Пријави се
26.4.2017

Венгер: Нема да го продадеме Санчес на некој ривал

Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, изјави дека верува дека Алексис Санчес ќе остане во редовите на „топчиите“ по завршувањето на сезоната. Но, францускиот стручњак додаде дека доколку одлучи да оди, кариерата нема да ја продолжи во некој друг клуб од Премиер лигата.

Чилеанскиот фудбалер има уште една година од договорот со лондонскиот клуб, а подолго време се шпекулира каде ќе ја продолжи кариерата.
„Не верувам дека би го продале на некој клуб од Премиер лигата, тоа е сигурно. Но, како што сум кажал повеќе пати, верувам дека ќе остане и дека ќе потпише нов договор“, изјави Венгер.
Менаџерот на Арсенал не откри што го очекува него по завршувањето на сезоната, но вчера изјави дека бара потенцијални засилувања за наредната. На искусниот стручњак лондонскиот клуб му понуди нов, двегодишен договор, бидејќи сегашниот му истекува за два месеца.
„До последниот ден од сезоната работам за сегашноста и за иднината. Потенцијалните трансфери ја претставуваат иднината на клубот и многу се важни. Мојата иднина не е толку важна, важна е иднината на клубот“, додаде 67-годишниот менаџер на „топчиите“.
Французинот во февруари изјави дека одлуката за новиот договор ќе ја донесе во март или во април, а подоцна откри дека донел одлука, но дека сите ќе бидат известени кога ќе дојде време.
Фудбалерите на Арсенал од 20.45 часот го дочекуваат Лестер во Премиер лигата. Пред овој дуел, „топчиите“ имаат 57 бодови на седмото место на табелата, седум помалку од Манчестер сити на четвртата позиција, последна која води во Лигата на шампионите наредната сезона, но и натпревар помалку.

Најнови вести