Корисничко име Лозинка Пријави се
03.5.2017

Нов спектакл – Монако го дочекува Јувентус

Фудбалерите на Монако, најпријатното изненадување на овогодишната Лига на шампиони, денес во првиот натпревар од полуфиналето ќе го дочекаат Јувентус.

„Старата дама“ е екипата која во претходната рунда ја елиминира Барселона и воедно прими само два гола на десет натпревари оваа сезона во елитното натпреварување.
Лидерот на француското првенство, предводен од чудото од дете Килијан Мбапе, во елиминациската фаза веќе ги исфрли Манчестер сити и Борусија од Дортмунд, оваа сезона постигна вкупно 19 погодоци на европската сцена и сега сака да ја сруши најдобрата одбрана на Стариот континент.
„Лигата на шампионите за мене е детски сон. Оваа сезона направивме одлични работи, но не можеме да запреме. Го сакаме она што не ѝ успеало на ниедна генерација на клубот – пласман во финалето“, изјави Мбапе, кој не бил роден кога двата клуба се сретнале во полуфиналето во 1998 година.
Јувентус тогаш славеше во Торино со 4-1, со хет-трикот на Алесандро дел Пјеро, додека во реваншот беше 2-2, па италијанскиот тим се пласира во финалето, каде што беше поразен од Реал со историскиот погодок на Предраг Мијатовиќ.
Џанлуиџи Буфон, капитенот на Јувентус, тогаш беше член на Парма, но веќе беше играч на репрезентацијата А на Италија, а учествуваше и на Мундијалот во Франција.
„Бевме одлични против Барселона, не примивме гол во двата натпревари, но сега нè очекуваат два целосно поинакви натпревари. Монако има исклучителен потенцијал, но верувам во нас“, изјави Буфон.
На Монако ова му е четврто полуфинале, во финалето се пласира само во 2004 година, кога изгуби од Порто на Мурињо, додека Јувентус осум пати успешно го помина полуфиналето, со тоа што во финалињата забележа само два триумфа и шест порази, последниот пред две години против Барселона во Берлин.
Монако ќе биде посилен со Фабињо, кој поради црвениот картон не играше во реваншот против Дортмунд, додека во екипата на Јувентус нема да игра суспендираниот Сами Хедира, чие место во стартните 11 ќе го заземе Клаудио Маркисио.
Првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу Монако и Јувентус на програмата е вечерва, од 20.45 часот, на стадионот „Луј Втори“.

Најнови вести