Корисничко име Лозинка Пријави се
04.5.2017

Мурињо со „црвените ѓаволи“ кај Селта во Виго

Од 21.05 часот во Виго на програмата е првиот натпревар на другиот полуфинален пар од Лигата на Европа меѓу домаќинот Селта и Манчестер јунајтед.

Екипата на Селта се наоѓа на средината на табелата на Примера лигата, па сосема релаксирано влегува во дуел со гигантот од „Олд Трафорд“.
Од друга страна, момчињата на Жозе Мурињо се борат за пласман во Лигата на шампионите наредната сезона, а во елитата можат да дојдат на два начина – преку Премиер лигата, каде што моментно се петти и имаат исклучително тежок распоред, или како освојувачи на второто по квалитет европско натпреварување.
Оваа фаза од натпреварувањето почна вчера, кога Ајакс на „Јохан Кројф арената“ убедливо го совлада Олимпик од Лион (4-1) и сега е на чекор од финалето.
„Не размислувам премногу за конечната, потенцијална цел. Исто така, знам дека ова е единственото натпреварување кое Манчестер јунајтед го нема освоено во својата историја. Би било одлично да се затвори кругот и да се каже: ‘Ние сме клуб кој ги освоил сите натпреварувања во фудбалскиот свет’. Имајќи го предвид огромниот проблем со повредите со коишто се соочуваме, тоа би било одлично остварување, а би ни овозможило наредната сезона да се вратиме во Лигата на шампионите“, изјави менаџерот на „црвените ѓаволи“.
Португалецот не може да смета на: Лук Шоу, Златан Ибрахимовиќ, Маркос Рохо и Хуан Мата, коишто доживеаја тешки повреди и нема да се вратат на теренот во оваа натпреварувачка година.
Едуардо Беризо, тренерот на екипата од стадионот „Балаидос“, изјави дека не може да смета на Џузепе Роси и на Карлес Планас.
„Мораме да останеме тим и верувам дека можеме до дојдеме до резултатот за којшто сонувавме. За да имаме можност тоа воопшто да го оствариме, мораме да ја задржиме мотивацијата кај сите момчиња и да се обидеме со натчовечки напори да го надминеме огромниот квалитет што го поседува Манчестер јунајтед. Се надевам на посебна ноќ на нашиот стадион, но мораме да останеме верни на себеси и на нашиот стил на игра“, изјави Беризо.
Реванш-натпреварите на програмата се наредниот четврток, а големото финале на 24-ти мај во Солна.

Најнови вести