Корисничко име Лозинка Пријави се
09.5.2017

Челзи сè поблиску до титулата, Мидлсборо ја напушта елитата

Фудбалерите на Челзи остварија важна победа над Мидлсборо на нивниот „Стемфорд бриџ“, па во наредните натпревари само еден триумф ќе им ја обезбеди титулата. „Сините“ беа поубедливи, за што сведочи и резултатот од 3-0.

Мидлсборо ја изгуби секоја шанса да се избори за опстанок во елитниот ранг, па од наредната сезона повторно ќе се натпреварува во Шампионат лигата.
Челзи играше офанзивно од самиот почеток. Избраниците на Антонио Конте знаеја дека имаат вистинска шанса да забележат убедлива победа пред крајот на сезоната. Сите шанси на „сините“ на крајот завршија во голот на Диего Коста во 23-тата минута. Напаѓачот на Челзи погоди со шут од левата страна, низ нозете на голманот на Мидлсборо. Гостите не успеваа да дојдат до добри шанси за погодок, па повторно беа казнети, овој пат со голот на Маркос Алонсо во 34-тата минута, кој го погоди голот на Гузан во долниот лев агол. Играчите на Челзи не попуштаа до крајот на полувремето, но немаше промени на резултатот.
Во налети „сините“ напаѓаа и во вториот дел. Градеа акции преку Фабрегас, а конечно сите обиди ги круниса Немања Матиќ со голот во 65-тата минута. Српскиот репрезентативец за прв пат постигна гол на „Стемфорд бриџ“, поставувајќи го конечниот резултат на овој натпревар.
Водечкиот Челзи и второпласираниот Тотенхем до крајот на првенството имаат уште по три натпревари. Екипата на Антонио Конте има седум бодови повеќе во однос на директниот ривал, што значи дека „сините“ за да ја обезбедат шампионската титула, потребна им е само уште една победа.

 

Најнови вести