Корисничко име Лозинка Пријави се
09.5.2017

Невозможна мисија за Монако во Торино

Чуда се случуваат, особено во фудбалот, но во Торино нема да има ништо од тоа, таква е пораката од Јувентус пред реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите против Монако.

Италијанскиот шампион славеше во првиот дуел во Монте Карло со 2-0 и за да остане без деветтото финале во клупската историја, второ во последните три години, потребно е Французите да направат нешто што се граничи со научна фантастика.
„Монако има исклучително напаѓачки потенцијал и нема да има релаксирање. Свесни сме дека сè уште не сме ја завршиле работата, но уверени сме дека по 90 минути на нашиот стадион, ќе ја завршиме“, изјави Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентс, чија екипа нема примено гол на последните шест натпревари во Лигата на шампионите, а за да испадне вечерва, потребно е да прими минимум два, исто колку и целата сезона.
На страна на „старата дама“ е и статистиката која вели дека само два тима во историјата на Лигата на шампионите се пласирале понатаму во елиминациската фаза по поразот во првиот натпревар, и тоа двата само со еден гол помалку – Ајакс против Панатинаикос во четврт-финалето во 1996 (0-1, 3-0) и Интер против Баерн Минхен во осминафиналето во 2011 година (0-1, 3-2).
И не само тоа, Монако на ниту едно од претходните седум гостувања во Италија не победил, а Јувентус досега 11 пати играл против француските клубови во нокаут-фазата и ниту еднаш не испаднал.
„Свесни сме колку е тешка задачата пред нас, но мораме да веруваме. Тука нè очекува поинаков натпревар од тој во Монако, ако први дадеме гол, сè е можно“, изјави Леонардо Жардим, тренерот на лидерот на француското првенство.
Реванш-натпреварот од полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу Јувентус и Монако се игра од 20.45 часот.

Најнови вести