Корисничко име Лозинка Пријави се
10.5.2017

Буфон: Верувајте во своите соништа

Џанлуиџи Буфон, голманот на Јувентус, доби уште една шанса конечно да го освои последниот трофеј кој му недостасува во пребогатата кариера – Лигата на шампионите.

„Старата дама“ со победата над Монако со 4-1 во двомечот од полуфиналето, се избори за второ финале на Лигата на шампионите во последните три сезони, деветто во нејзината историја.
Буфон има 39 години и ова веројатно му е последна шанса да го освои последниот трофеј кој му недостасува во колекцијата.
„Беше проклето тешко, ако влезевме во натпреварот со ароганција, би било уште потешко. Кога имаш вистински менталитет, можеш да ги совладаш сите пречки. Во финалето сме, тоа не ни беше главната цел, бидејќи само да се учествува ништо не значи. Пред две години сите мислеа дека на ‘старата дама’ тоа ѝ е последно финале во Лигата на шампионите, и јас исто така, но мораш да  веруваш во своите соништа“, изјави Буфон.
Стоперот Леонардо Бонучи изјави дека ова не е изненадување, туку дека тимот созреал за титулата.
„Ова е одличен резултат, а го работиме она што и мора да го работи голем клуб, да се бори за сите три трофеи. Пораснавме во претходните две години. Мислам дека Јувентус не е изненадување. Уверени сме дека можеме да го освоиме трофејот. Овој тим е зрел, свесен за своите можности. Во Берлин (финале 2015) имавме импресивен ред за врска, но сега сигурно не сме послаби. Го сакаме новиот систем, одиме во Кардиф да го играме најдобриот натпревар во историјата на Јувентус“, изјави Бонучи.
Јувентус вчера го прими првиот гол во нокаут-фазата на Лигата на шампионите оваа сезона, по 520 минути игра.
„Многу ме нервира тој гол. Не смееме така да го губиме вниманието. Топката беше во воздухот десет минути, ги пуштивме да нè престигнат. Мораме тоа да го унапредиме, во Лигата на шампионите не смееш да ја губиш концентрацијата ниту секунда“, додаде Бонучи.
Јувентус во финалето на Лигата на шампионите на трети јуни во Кардиф ќе игра со подобриот од мадридскиот двомеч меѓу Реал и Атлетико. Кралскиот клуб славеше со 3-0 во првата средба на „Сантијаго Бернабеу“.
Реваншот на „Висенте Калдерон“ се игра вечерва, од 20.45 часот.

 

Најнови вести