Корисничко име Лозинка Пријави се
10.5.2017

Моќниот Јувентус во Кардиф, ги чека мадриѓаните!

Фудбалерите на Јувентус се пласираа во финалето на Лигата на шампионите со победата над Монако од 2-1 (2-0) во реванш-натпреварот од полуфиналето во Торино.

„Старата дама“ во првиот дуел славеше со 2-0, па во Кардиф (на трети јуни) ќе се бори за третата шампионска титула на Европа.
Јувентус во неговото деветто финале чека некој тим од Мадрид, поблиску е Реал, кој го совлада Атлетико со 3-0 на „Сантијаго Бернабеу“, а реваншот на „Висенте Каледерон“ се игра денес (20.45).
Италијанскиот гигант одигра уште еден импресивен натпревар, освен во првите десетина минути, во кои Монако беше поопасен, доминираше во текот на преостанатите 80 минути и само поради лошата завршница, пропушти поубедлива победа.
На голот на Монако му се закануваше опасност од сите страни, се редеа шанси од Пауло Дибала, Марио Манџукиќ, Гонзало Игуаин, Хуан Куадрадо, Дани Алвес, а „кнезовите“ од потоп ги спасуваше голманот Даниел Субашиќ.
Но, ниту тој не беше семоќен, а тоа го искористи Јувентус и го реши натпреварот во последните 12 минути од првото полувреме. Јуве не е поразен на 51 натпревар во низа на домашен терен во сите натпреварувања, односно од август 2015 година, кога под Алпите славеше Удинезе.
По серијата непогодени по фуриозниот налет во период од 20 до 30 минути, мразот конечно го скрши Марио Манџукиќ во 33-тата минута, испраќајќи ја топката под пречката.
Тој го совлада земјакот откако Субашиќ му го одбрани шутот со глава од 7-8 метри, по одличниот центаршут на Куадрадо од десната страна.
Манџукиќ го заврши својот најдолг пост без гол во Лигата на шампионите, погоди по шест натпревари. Сега има 15 голови на 45 натпревари.
Точка стави Дани Алвес во 45-тата минута, повторно по одбивањето откако интервенираше Субашиќ, а Бразилецот мрежата ја затресе со удар од работ на казнениот простор.
Монако не се предаваше, се бореше до самиот крај и на 20 минути пред финишот, ја ублажи елиминацијата со гол, прв кој Јувентус го прими во нокаут-фазата на Лигата на шампионите оваа сезона.
Килијан Мбапе ја погоди мрежата на Џанлуиџи Буфон завршувајќи ги 520-те минути на неговата несовладливост и стана најмлад стрелец во полуфиналето во историјата на Лигата на шампионите (18 години и 140 дена).
Јувентус го престигна Милан како италијански клуб со најдолга низа без пораз во Лигата на шампионите, надминувајќи ја 641-та минута на „росонерите“.
„Старата дама“ по втор пат во последните три сезони се пласира во финалето на Лигата на шампионите, во 2015 година подобра беше Барселона.

Најнови вести