Корисничко име Лозинка Пријави се
11.5.2017

Реал го преживеa блицкригот на Атлетико, со Јувентус за титулата

Фудбалерите на Реал на трети јуни во Кардиф ќе ја бранат шампионската титула на Европа против италијанскиот Јувентус.

Кралскиот клуб беше поразен од градскиот ривал Атлетико со 2-1 во реваншот од полуфиналето на „Висенте Калдерон“, но се пласира во финалето благодарение на убедливите 3-0 од „Сантијаго Бернабеу“.
„Јорганџиите“  за малку ќе ја вратеа драмата во двомечот со погодоците на Саул Њигес и Антоан Гриеазман во првите 16 минути, но Иско на крајот на првото полувреме стави точка на двомечот.
Реал и Јувентус последен пат во финалето на Лигата на шампионите се сретнаа во далечната 1998 година, кога на мадриѓаните титулата им ја донесе Предраг Мијатовиќ.
Иако малкумина очекуваа дека Реал ќе има тешка работа во реваншот, малку недостасуваше Атлетико уште во првото полувреме да го надополни заостанувањето од сите три гола.
Тимот на Диего Симеоне со фуриозен старт поведе со 2-0 само по 16 минути, благодарение на прекините, и се врати во натпреварот.
Домаќинот поведе во 12-тата минута со голот на Њигес, кој со глава ја погоди мрежата на Реал по центаршутот на Коке, а само четири минути подоцна Гриезман го реализираше пеналот кој го направи Рафаел Варан над Фернандо Торес.
Реал успеа да се консолидира и да ги неутрализира нападите на ривалот во продолжение на полувремето, а потоа во самиот финиш го искористи потегот на Карим Бензема, кој измами тројца дефанзивни играчи на Атлетико кај корнер-линијата, потоа го проигра Крос, чиј шут го одбрани Јан Облак, но топката се одби до Иско, кој ја затресе мрежата на „јорганџиите“ за 2-1.
Тој гол го дотолчи домашниот тим, кој ја изгуби препознатливата енергија, беше немоќен во второто полувреме, но имаше шанса за малку понеизвесна завршница.
На средината на второто полувреме, Кејлор Навас фантастично ги одбрани ударите на Јаник Караско и Кевин Гамеиро во рок од две минути и стави дефинитивна точка на натпреварот.
На крајот дождот ги растера навивачите на Атлетико, кој го одигра последниот европски натпревар на „Висенте Калдерон“, бидејќи од следната сезона се сели на нов стадион.
Реал во Кардиф ќе игра 15-ти пат во финалето на Лигата/Купот на шампионите, а ќе игра за 12-тата титула. Јувентус го игра деветтото финале и има само два трофеја.

Најнови вести