11.5.2017 Клоп: Барса го сака Кутињо? Нека подготви 400 милиони евра
Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, даде изјава по наводите на шпанските медиуми дека Филипе Кутињо, еден од најдобрите играчи на „црвените“, е блиску до договор со Барселона, отфрлајќи ја секоја можност дека клубот налето ќе го продаде Бразилецот.
Кутињо и Барселона се поврзуваа повеќе седмици наназад. Шпанските медиуми отидоа и чекор понатаму објавувајќи дека е постигнат договор меѓу играчот и клубот и дека е потребно само Ливерпул да попушти и да ја прифати понудата на Каталонците.
Според зборовите на Клоп, сепак од тоа нема ништо.
„Кога Кутињо потпишал нов договор? Во јануари, со откупна клаузула од 400 милиони евра“, изјави Клоп со насмевка пред да стане сериозен во изјавите.
„Апсолутно нема планови да го продадеме. Нашите сопственици велат дека има можност да не продадеме никого ако не сакаме. Тоа значи дека можеме да доведеме други играчи, и тоа е добра ситуација за нас. Имаме стабилна постава со добра база. Сакаме да доведеме малку свежа крв. А никој нема да нè напушти нас ако ние не дадеме согласност. Така што јас сум релаксиран кога е тоа во прашање“, изјави Клоп.
По ваквата изјава, јасно е дека Барселона ќе мора да бара некое друго решение. Бразилецот има договор со Ливерпул до 2022 година и без дозвола на клубот, не може да си замине никаде.
Клоп слични изјави даваше и во случаите со Марио Гетце и со Роберт Левандовски додека беше во Дортмунд, па тие на крајот сепак си заминаа од „Вестфален“. Дали ќе ја повтори историјата и со Кутињо, ќе се знае налето.
Во краен случај, доколку Ливерпул не оствари пласман во Лигата на шампионите, поголема е веројатноста дека Бразилецот сепак ќе го напушти „Енфилд роуд“.