Корисничко име Лозинка Пријави се
11.5.2017

Мурињо: Најважниот натпревар во историјата на Јунајтед

Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед, изјави дека претстојниот реванш-натпревар од полуфиналето на Лигата на Европа против Селта е најважен во клупската историја.

Во првиот натпревар во Шпанија победи англискиот тим со 1-0, а натпреварот на „Олд Трафорд“ на програмата е вечерва од 21.05 часот.
Јунајтед во Премиер лигата се бори за пласман во Лигата на шампионите, но не е во добра позиција бидејќи го зазема шестото место и зад четвртопласираниот градски ривал Сити заостанува со четири бода на три кола пред крајот.
Првите три екипи ќе се пласираат директно во Лигата на шампионите, а четвртопласираниот тим ќе игра во квалификациите. Екипата на Мурињо може да се пласира директно во Лигата на шампионите ако ја освои Лигата на Европа.
„За Селта, според нивните зборови, ова е најважниот натпревар во нивната историја. Јас мислам дека тоа е најважниот натпревар во нашата историја. Не е важно што се случувало пред тоа, колку важни натпревари сме играле во минатото. Не мислам дека Селта повеќе од нас ја сонува победата. Навистина не верувам во тоа, мислам дека во тој поглед нема да има разлика меѓу екипите вечерва“, изјави Мурињо.
Португалецот во претходните натпревари во Премиер лигата играше со комбинирани тимови.
„Ситуацијата е едноставна: 17 натпревари во седум седмици, со 16 играчи, тоа е невозможно. Тоа не е коцкање, тоа беше едноставна одлука врз основа на здравиот разум“, додаде поранешниот тренер на Челзи, Интер, Порто и Реал Мадрид.
Во другото полуфинале ќе играат Олимпик Лион и Ајакс. Во првиот натпревар во Амстердам беше 4-1 за домашната екипа.
Финалето на Лигата на Европа се игра на 24-ти мај во Стокхолм.

Најнови вести