Корисничко име Лозинка Пријави се
16.5.2017

Џон Тери се повлекува на крајот на сезоната?

Џон Тери, легендарниот стопер на Челзи, изјави дека сè уште нема донесено конечна одлука во врска со неговата фудбалска иднина.

Неодамна беше официјализирано дека Тери ќе го напушти клубот во којшто помина 22 години, но можеби повеќе нема ниту да игра фудбал.
„Никогаш не сум сакал да бидам таков играч кој ги спречува младите да се пробијат. Сè уште не сум ја исклучил опцијата натпреварот со Сандерленд да ми биде последен во кариерата“, изјави Тери по победата над Ватфорд со 4-3 во натпреварот во којшто Челзи го прослави освојувањето на шампионската титула на Англија.
Оваа сезона капитенот на Челзи одигра само осум натпревари во Премиер лигата.
„Тоа што бев на клупата за резервни играчи ми даде поинаква перспектива која добро ќе ми послужи доколку се одлучам да одам во менаџментот. Зависи, ако наиде вистинска понуда, ќе седнам и ќе ја разгледам со своето семејство“, додаде капитенот на Челзи.
„Искрено, сè уште немам донесено никаква одлука, ги проценувам сите опции“, изјави Тери.
Тој во Челзи помина 22 години, дебитираше во далечната 1998 година и оттогаш одигра 713 натпревари и постигна 66 голови.
Беше капитен 578 пати, а со Челзи освои: четири шампионски титули на Англија (2005, 2006, 2010, 2015), пет пати ФА купот, три пати Лига купот, Лигата на шампионите во 2012 година и Лигата на Европа една година подоцна.

Најнови вести